Италијанската крајбрежна стража и пожарникарите пронајдоа повеќе од 40 тела откако брод со мигранти потона во близина на италијанскиот источен брег, во регионот Калабрија, пренесе агенцијата АП.
Државната телевизија РАИ јави дека до утрово се извлечени 43 тела, а спасени се 80 лица. Италијанската новинска агенција АГИ објави дека меѓу телата има и бебе старо неколку месеци.
Повикувајќи се на неидентификувани пристанишни власти во близина на крајбрежниот град Кротона, во Калабрија, РАИ соопшти дека бродот превезувал повеќе од 100 мигранти кога во зори наишол на проблеми во Јонското Море.
Италијанската новинска агенција Лапрес подоцна цитираше неидентификувани спасувачки службеници кои велат дека во бродот можело да има дури до 180 луѓе.
Детали за националноста на мигрантите не беа соопштени.
Не е јасно од каде тргнал бродот, но бродовите со мигранти кои пристигнуваат во Калабрија обично тргнуваат од бреговите на Турција или Египет.
Многу од овие бродови, вклучително и едрилици, често стигнуваат до оддалечените делови на долгото јужно крајбрежје на Италија без помош на крајбрежна стража или хуманитарни спасувачки бродови, јавува Радио Слободна Европа.
Кротоне е град во јужната италијанска провинција Калабрија.