Огромни танкери полни течен природен гас (LNG) се во близина на бреговите на Шпанија, Португалија, Велика Британија и други европски земји во моменти кога Европа се обидува да се ослободи од зависноста од рускиот гас што се испорачува преку гасоводи и се врти кон увоз на течен гас, пишува Би-Би-Си.
Западот воведе опсежни санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, а Москва одговори со декрет за плаќања во рубљи и намалени пратки во текот на летото.
Првично имаше проблем со поправката на турбината за испорака на руски гас преку гасоводот Северен тек 1, а потоа и експлозии во Балтичкото Море, кои европските земји ги припишуваа на саботажа. Русија не е вклучена во истрагата, а виновникот се уште не е познат.
Цените на гасот нагло пораснаа, а Европа го засили увозот на течен гас за да обезбеди снабдување во текот на зимата. Бродовите со ЛНГ се веќе пред европските брегови, но товарот се уште не е истоварен.
– Бројот на бродови пред пристаништата се зголемува изминативе пет до шест недели, изјави за Би-Би-Си Аугустин Прејт, потпретседател за енергетски и стоковни пазари во Кајрос, и еден од многуте набљудувачи кои го следат развојот на ситуацијата.
– Јасно е како ден дека тоа е голема приказна, вели Прејт.
Аналитичарот на Wood Mackenzie, Фрејзер Карсон, изброи 268 од нив во водите ширум светот во октомври, што е значително повеќе од годишниот просек од 241 брод. Од оние кои моментално се на море, 51 брод се во близина на европските брегови.
„Европските земји купуваа многу гас во текот на летото за да ги наполнат складиштата и да обезбедат покриеност на зимската побарувачка“, објаснува Карсон.
Според првичната цел, до 1 ноември нивото на гас во магацините требаше да биде 80 проценти. Целта беше исполнета и надмината далеку пред планираниот рок и најновите податоци покажуваат дека капацитетот за складирање е исполнет 95 проценти.
Увезениот ЛНГ одигра клучна улога во постигнувањето на таа цел во Европа.
Но, бидејќи ЛНГ продолжува да пристигнува, побарувачката за капацитет за гасификација останува висока. Нема многу од нив во Европа, делумно затоа што континентот долго време се потпира на гас што доаѓа преку гасоводи од Русија.
Затоа бродовите стојат во ред пред терминалите за гасификација. Германија и Холандија и нвестираа во нови капацитети и се очекува дел од нив да започнат со работа за неколку месеци.
Истовремено, Европа во моментов троши помалку гас од вообичаено поради невообичаено високите температури за октомври. На тоа треба да се додаде и пониското ниво на индустриски активности кои се потпираат на гас, забележува ко-основачот на Kaјрос, Антоан Халф.
– Производството на цемент и челик во Европа е драматично намалено, објаснува Халф за Би-Би-Си.
Во таква ситуација, цената на течниот гас кај терминските договори со подолги рокови на испорака е повисока отколку кај договорите со термини за испорака веќе во ноември. – Можете да добиете повисока цена за испорака во јануари отколку во ноември, рече тој.
Дури и да доцни испораката за само еден месец, до декември, тоа може да значи и до неколку десетици милиони долари поголема заработка по пратка, објаснува уредничката на специјализираното издание Lloyd’s List, Мишел Визе Бокман.
Иако купувачите во другите делови на светот би можеле да преземат дел од товарот, Европа би можела да има корист и од вишокот снабдување со ЛНГ што буквално плута пред нејзините брегови. Добро е што бродовите чекаат затоа што рационално сакате да имате гас при рака доколку ви треба, објаснуваат некои аналитичари.
Единствениот проблем е што во прашање се огромни суми. Поради побарувачка за гас, некои земји веќе платија исклучително високи суми за да го добијат.
Германија на тој начин потрошила 49,5 милијарди евра за увоз на гас од јануари до август, јави Би-Би-Си цитирајќи го Ројтерс. Во истиот период лани нејзиниот увоз чинел 17,1 милијарди евра.
„Така функционира пазарот“, вели Бокман, додавајќи дека европските земји „се во најдобра позиција во која можат да бидат, со оглед на геополитичката ситуација“. (МИА)