Бројот на загинати од земјотресите што опустошија големи области на Турција и Сирија денеска надмина 20.000, а надежта за пронаоѓање преживеани под урнатините на илјадниците урнати згради се намалува, јави ДПА.
Во Турција има 17.134 потврдени смртни случаи и уште 3.317 во Сирија, со што вкупниот број изнесува 20.451 – неверојатна загуба на животи што го прави еден од најсмртоносните потреси во последните децении.
Повеќе од 75.000 луѓе се повредени во двата последователни силни земјотреси што рано во понеделникот го погодија регионот.
Безброј луѓе останаа без домови и немаат пристап до основни производи и услуги, особено во Сирија која е разурната од војна и каде меѓународната помош бавно пристигнува.
Турската Влада соопшти дека повеќе од 100.000 луѓе четврти ден ги пребаруваат урнатините, вклучително и тимови од странство.
Турскиот јавен сервис ТРТ јави дека досега од под урнатините во Турција се спасени околу 8.000 луѓе.