Бројот на загинати при налетот на ураганот Флоренс на источниот брег на САД, се искачи на 37, додека 15.000 луѓе се уште не можат да се вратат во своите домови.
Поради обемната штета што ветрот и дождовите ја предизвикаа на надземната електродистрибутивна мрежа, над 200.000 луѓе во сојузната држава Северна Каролина се уште се без струја.
– Се уште ги чувствуваме последиците од бурата. Дождовите престанаа, но нивото на реките се уште расте и очекуваме нови поплави, изјави гувернерот на Северна Каролина, Рој Купер.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска треба да ја посети Северна Каролина, за лично да се увери во штетата и да се запознае со работата на федералните спасувачки служби.
МИА