Бројот на жртви од силниот земјотрес кој во петокот ги погоди Турција и Грција се искачи на 100, објави турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби.
Најголем број од жртвите, 98, се во Измир додека две девојчиња починале на грчкиот остров Самос, пренесува Ројтерс.
Во земјотресот повредени се 994 лица во Измир, од кои 147 се на болничко лекување, а спасувачите ги пребаруваат урнатините на пет згради во потрага по преживеани. Ангажирани се околу 8.000 спасувачи и 25 кучиња трагачи.
Подигнати се над 3.500 шатори и 13.000 кревети кои служат за привремено сместување на луѓето кои останаа без кров над главата.
Како што се наведува, овој бил најсмртоносниот земјотрес кој ја погодил Турција во последните десетина години.
Земјотресот со јачина од 7 степени го погоди егејскиот брег на Турција и грчкиот остров Самос, а се почувствува до Атина и Истанбул.
По првиот земјотрес, регистрирани биле над 800 послаби потреси.