Министерството за надворешни работи на Чешка денеска го повика рускиот амбасадор во Прага да ги претстави барањата на Чешка за целосна компензација од Русија за штетата од експлозиите во магацините за муниција во 2014 година, за кои тврдат дека се дело на руски шпиони.
Заменик-министерот за надворешни работи Мартин Смолек му врачи дипломатска нота на амбасадорот Александар Змеевски, „во која се наведува дека според меѓународното право Руската Федерација е одговорна за нејзиното учество во експлозиите на складиштата за муниција во Врбетице во 2014 година“.
Чешката влада на 17 април соопшти дека има докази дека двајца руски воени разузнавачи биле вклучени во бомбашкиот напад во магацинот, во кој загинаа две лица. Русија негира дека има врска со тој инцидент.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова ги спореди барањата на чешките власти за обештетување од Русија со „изнуда“.