понеделник, 13. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Четворица кандидати останаа во трката за лидер на британските конзервативци

Четворица кандидати останаа во трката за лидер на британските конзервативци

По третата рунда гласање за лидер на британската Конзервативна партија останаа четворица кандидати, меѓу кои најголема предност има доскорешниот министер за финансии Риши Сунак.

Тој што ќе биде избран за лидер на ториевците автоматски ќе стане и премиер.

Пратениците од Конзервативната партија денеска повторно ќе гласаат, како и утре, по што во трката ќе останат двајца кандидати за партиски лидер и премиер. Во секој круг од гласањето се елиминира по еден кандидат кој освоил најмал број гласови.

Кога ќе останат двајца кандидати, за нов лидер на ториевците нема да одлучуваат пратениците туку сите 180.000 членови на Конзервативната партија. Името на победникот ќе биде објавено на 5 септември.

Сунак речиси сигурно ќе влезе во последниот круг, а за неговиот противкандидат се борат тројца истакнати конзервативци, шефицата на дипломатијата Лиз Трас, министерката за трговија Пени Мордон и поранешниот државен секретар за родова еднаквост Кеми Бејднок.

Британскиот премиер Борис Џонсон на 7 јули објави дека се повлекува од функцијата шеф на Владата и партијата, откако повеќе од 50 членови на Владата поднесоа оставки, незадоволни од неговото одбивање да се повлече по неколку скандали. Меѓу нив беше и Сунак, кој поднесе оставка два дена пред Џонсон.

Жестоката кампања за наследникот на Џонсон ги разоткри длабоките поделби во Конзервативната партија на крајот од неговото владеење.