На 8 септември 1943 година, на денот кога според новиот календар се празнува празникот Рождество на Пресвета Богородица (познат и како Мала Богородица), италијанската армија капитулирала и на почетокот одбивала да го предаде оружјето на нивните германски сојузници. Во Орхомен, Грција, регионалната организација на Народноослободителниот фронт на Грција планирала да ја искористи шансата и да го превземе италијанското оружје.
Но, Италијанците се спротивставиле на ваквиот план, и заедно со нивното оружје пребегнале во Ливадија. Попат наишле на германски војници кои ги опколиле и ги разоружале; Италијанците, пак, веднаш ги предале жителите на Орхомен, откривајќи им ја на Германците нивната намера.
Следниот ден, на 9 септември, Германците испратиле вооружени возила во Орхомен. Партизаните, пак, од Орхомен, дознавајќи за ова, се разбегале и сокриле во далечното село Дионисос. Но, нацистите не се откажале. Влегувајќи во Орхомен, тие зеле 600 заложници, и се поделиле: мал дел војници останале во Орхомен, а поголемиот дел се упатил кон Дионисос. Вечерта наспроти 10 септември, околу полноќ, на половина километар од црквата посветена на Пресвета Богородица, три германски тенка застанале и не можеле да се придвижат понатаму.
Тогаш, на небото се појавила една жена, која со раката им дала знак дека нaе треба да поминуваат понатаму. Не знаејќи што се случува, германските војници се обиделе со трактори да ги извлечат тенковите, и се ужаснале кога виделе колку лесно, како празни кутии ќибрит, тракторите ги извлекле неподвижните тенкови. Тогаш германскиот командир извикал „Чудо! Чудо!“ и ги замолил локалците да го однесат во блиската црква.
Штом влегол, на иконите го забележал преблагиот лик на Богомајката, и на присутните им објаснил дека токму таа го попречила нивниот план. Ги приклонил колената на земја, и им се обратил на собраните селани, велејќи им: „Оваа жена ве спаси. Неа треба да ја почитувате и славите“.
Во белешките на фашистичкиот командир Хофман се појаснува дека причина за неуспешноста на нивната мисја биле обилните дождови кои направиле почвата да биде непроодна; меѓутоа, дождот набрзо запрел, и Германците намислиле да ја продолжат потрагата. Штом го сториле тоа, поврторно заврнал пороен дожд, и токму тогаш ја здогледал Пресвета Богородица како му забранува да продолжи со потрагата по партизаните.
Веднаш потоа сите заложници биле ослободени, а самиот командир дал завет дека ниту еден жител на Орхомен нема да биде повреден, ниту гонет.
По завршувањето на Втората светска војна, Германецот секоја година навраќал во црквата на Успението на Пресвета Богородица токму на 10 септември. До ден денес, на 10 септември се прави литија со икона од чудесниот настан до местото каде што биле запрени фашистичките тенкови.