Напаѓачот Роберт Бауерс (46), кој пукаше во синагогата во Питсбург, убил најмалку 11 лица, а шест се повредени, објавија локалните власти.
Тој влезе во синагогата во Питсбург и отвори оган врз присутните, а официјалните лица изјавија дека 11 лица се убиени. Американските медиуми објавија дека повеќе од 10 лица се повредени, вклучувајќи и шест полицајци.
Официјалните лица, пак, рекоа дека меѓу ранетите се четворица полицајци.
„Во нападот загинаа 11 луѓе“, рече директорот за јавна безбедност на Питсбург Вендел Хајриш на прес-конференцијата и додаде дека нема деца меѓу жртвите.
Хајриш додаде дека шест лица се повредени, вклучително и четворица полицајци.
Властите рекоа и дека напаѓачот се предал и бил ранет во размената на оган со полицијата. Беше уапсен и идентификуван како Роберт Бауерс.
Си-ен-ен објави дека додека пукал извикувал антисемитски пораки како „сите Евреи мора да умрат“.
Нападот се случил во близина на синагогата „Дрво на животот“, додека верниците биле собрани на редовната служба за сабат, каде што истовремено била одржана церемонијата на давање име на бебе.