Велика Британија и светската јавност денеска беа загрижени кога се појави веста дека кралицата Елизабета Втора е под лекарски надзор, па многумина се запрашаа колку е сериозна состојбата на жената која владее 70 години, за по неколку часа да биде објавена тажната вест дека таа починала.
Она што многумина ги интересираше е што ќе се случи сега кога кралицата умре, какви се процедурите и правилата. Познато е дека постои т.н операцијата Лондонски мост кој содржи протокол кој диктира што треба да се направи по смртта на кралицата.
Тој ден ќе се вика Д-Ден, а секој нареден ќе ги носи симболите Д+1, Д+2…
Кралската палата ќе објави „официјално соопштение“ со кое ќе ја соопшти веста на јавноста. Министрите и високите функционери ќе добијат е-пошта од секретарот на кабинетот чиј нацрт гласи: „Почитувани колеги, со тага пишувам да ве информирам за смртта на Нејзиното Височество Кралицата“. По приемот на е-поштата, знамињата низ Вајтхол ќе бидат спуштени на половина копје.
На социјалните мрежи нема да се објавуваат содржини кои не се итни, а кралското семејство ќе ги објави плановите за погребот, кој ќе се одржи десет дена подоцна.
Премиерот ќе биде првиот член на владата што ќе се изјасни. Сите останати членови на владата може да не коментираат ништо додека зборува премиерот. Министерството за одбрана ќе организира поздрави со оружје на сите места за поздравување. Ќе биде прогласена национална минута молк. Тогаш новиот крал Чарлс ќе ѝ се обрати на нацијата.
Ден Д+1
Во 10 часот, ден по смртта на кралицата, Советот за пристапување – кој вклучува високи владини фигури – се состанува во палатата Сент Џејмс за да го прогласи Чарлс за нов суверен. Во 15:30 часот премиерот и кабинетот ќе имаат аудиенција кај новиот крал. На министрите ќе им се каже да не ги носат сопружниците.
Ден Д+2
Ковчегот на кралицата ќе биде донесен во Бакингемската палата. Ако кралицата умре во Сандрингем, нејзината резиденција во Норфолк, источна Англија, телото ќе биде однесено со кралски воз до станицата Сент Панкрас во Лондон, каде што нејзиниот ковчег ќе го пречекаат премиерот и министрите од кабинетот.
Доколку умре во Балморал, Шкотска, ќе се активира операцијата Еднорог, што значи дека нејзиното тело ќе биде пренесено во Лондон со кралски воз што е можно поскоро. Бидејќи кралицата почина во Шкотска, оваа операција ќе биде активирана.
Ден Д+3
Во утринските часови кралот Чарлс ќе прими сочувство во Вестминстерската сала.
Ден Д+4
Чарлс ќе добие сочувство во Северна Ирска.
Ден Д+5
Поворката од Бакингемската палата до Вестминстерската палата ќе тргне по свечена рута низ Лондон. По пристигнувањето на ковчегот ќе се одржи служба во Вестминстерската сала.
Ден D+6 до ден D+9
Телото на кралицата ќе лежи во Вестминстерската палата три дена, во операција со кодно име „Перо“. Нејзиниот ковчег ќе биде изложен на подигната кутија позната како катафалк во средината на Вестминстерската сала, која ќе биде отворена за јавноста 23 часа на ден. Влезниците ќе се издаваат за ВИП личности за да можат да имаат свои термини.
Ден Д+10
Самиот погреб ќе се одржи во Вестминстерската опатија. Напладне ќе има две минути молчење низ целата земја. Церемониите ќе се одржат во Лондон и Виндзор. Кралицата ќе биде погребана во меморијалната капела на кралот Џорџ Шести.