четврток, 25. април 2024. Вести денес: 0
home Вести

Де Кро: Згрешив дека вакцината ќе стави крај на пандемијата, ситуацијата ќе трае уште најмалку 2 до 3 години

Де Кро: Згрешив дека вакцината ќе стави крај на пандемијата, ситуацијата ќе трае уште најмалку 2 до 3 години

Брисел, 8 јануари 2022 (МИА) – Во интервју за белгискиот весник „Ле Соар“, белгискиот премиер Александер Де Кро, вели дека ситуацијата ќе трае уште најмалку две до три години.

Де Кро во интервјуто признава дека „згрешил“ како и многу други мислејќи дека вакцината ќе значи и дефинитивен крај на пандемијата, како што покажуваат и рекордните бројки на новозаразени сега кога сојот омикрон владее во Белгија како и речиси во цела Европа.

„Има вистинска промена во менталитетот која се случи меѓу септември и ноември. До тогаш бев од тие, мнозинството, кои мислеа дека ќе го закопаме вирусот со вакцината, дека ќе биде решение за пандемијата. Некои, меѓу кои сум и јас, предолго мислеа дека со вакцината ќе ја затвориме ископаната дупка и ќе преминеме на друго. Четвриот бран нѐ натера да сфатиме дека вакцинацијата ќе остане главната брана но дека ќе има моменти кога ќе треба дополнителни мерки како што е случај сега“, вели премиерот на Белгија во интервјуто.

Белгија последниве два месеца постепено носи нови рестриктивни мерки, но не како во соседните земји кои во голем дел прогласија нови целосни затворања на економијата со надеж дека ќе се спречи ширењето на сојот омикрон.

Училиштата од понеделник повторно ќе бидат отворени, не се наметнува стопроцентно работење од дома но силно се охрабрува, додека угостителските објекти затвораат во 23 часот, а бројот на гости е ограничен по маса.

Според Де Кро, ставот на научните експерти е дека оваа пандемија ќе трае уште две до три години и шансите за враќање во „нормален“ живот оваа година се многу мали.

„Предвидувањата се многу комплицирани, но како јавни власти мораме да се подготвиме на тоа дека епидемијата на коронавирусот би можела да трае уште две до три години. Познавањата стекнати со секој бран нѐ натераа да сфатиме дека еволуцијата не е линеарна и дека има сезонски ефекти и појави на мутации. Од време на време за жал природата нѐ тера да направиме чекор назад“, изјави премиерот Александер Де Кро.