понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Дебата на ЕПИ: ЕУ различно го третира владеењето на правото во самата Унија и во земјите што сакаат да станат членки

Дебата на ЕПИ: ЕУ различно го третира владеењето на правото во самата Унија и во земјите што сакаат да станат членки

Владеењето на правото во поглед на пристапувањето на Македонија и Западниот Балкан во ЕУ, тековните случувања во полето на владеење на правото во земјите-членки на ЕУ, како и препораки за подобрување на содржината и механизмите на пристапниот процес во ЕУ, беше целта на дијалогот за политики „Мониторинг на владеењето на правото за земјите-членки на ЕУ и кандидатите: Премостување на јазот“ што се одржа денеска во Скопје во организација на Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ).

Ања Босилкова-Антовска од Мрежа за развој на граѓанското општество на Балканот, истакна дека во однос на владеењето и почитувањето на човековите права, граѓанскиот сектор е оној кој најмногу се залага за таа ситуација да се подобри.

– ЕУ треба да го види партнерот во граѓанските организации и да ја поддржи нивната улога во регионот и во таа насока особено е важно да се донесат новите насоки за поддршка на граѓанските организации во земјите на проширувањето, бидејќи тие поставуваат стандарди кои секоја земја која сака да стане членка на ЕУ мора да ги овозможи во однос на поддршката на граѓанското општество, рече Босилкова Антовска.

Според неа, доколку се донесат овие насоки граѓанското општество ќе настојува тие да станат формален документ што ќе даде основа на ЕУ да може да реагира на вакви нарушувања што се забележуваат во рамки на целиот регион и на тој начин, вели, ќе се врати и кредибилитетот на целиот тој процес, бидејќи самите држави би биле санкционирани доколку ги нарушуваат овие основни права, а од друга страна наградени доколку покажат напредок.

– Забележан е пад во слободата на основните човекови права на Западен Балкан и Турција, во поголем дел во слободата на движење и изразување, тука има голем напад на тие основни слободи и ма големо намалување во поглед на соработката на владите со граѓанските организации, вели таа.

Иван Новосел од „Куќа на човекови права“ од Загреб рече дека постои основна разлика меѓу тоа како Европската Унија го третира владеењето на правото во самата на ЕУ и надвор во земјите кои имаат аспирација да станат кандидати и според него тоа се две различни приказни.

– ЕУ е многу поостра кон земјите кандидатки односно земјите кои сакаат да влезат во ЕУ, додека внатре во ЕУ гледаме дека има големи проблеми врзани со владеење на правото. Најистакнати примери тука се Унгарија и Полска кои се на пат на дезинтеграција на европското право какво што го познаваме, и со самото тоа што ЕУ нема способност за решавање на проблемите во сопствените редови, го губи кредибилитетот за трансформациски потенцијал во земјите кои сакаат да бидат дел од ЕУ, вклучително и Северна Македонија. Тоа е основен проблем со кој во моментов се соочуваме, рече Новосел.

Според него, генерално во процесот на пристапување и на кој начин ЕК пред се е фокусирана кон владеење на правото, врз основа на европските примери, свесни сме дека тој процес е половичен, односно земјите-членки никогаш не опстојуваат на реформите до крај и како последца на тоа имаме полузавршени инстиуции и напуштено општество.

Во однос на процесот на проширување со прашањето меѓу Скопје и Софија и поширокиот геополитички контекст, Новосел вели дека ужасно голем проблем е билатералните прашања да го оптоваруваат процесот на пристапување.

– Хрватска го имаше тоа искуство со Словенија, врзано за Пиранскиот залив што со политички притисок успеа да се надмине, но треба политички да се инсистира тие работи да не се внесуваат во процесот на преговори. Франција и Германија се земјите кои треба да инсистираат на тоа и да се повеќе присутни на Западен Балкан, смета тој.

Новосел истакна дека по војната во Украина ситуацијата во Европа глобално се промени не е ист геополитичкиот контекст и од круцијална важност е ЕУ што побрзо да ги прими сите држави од Западен Балкан во полноправно членство а ЕУ и во оваа фаза да се направи колку што е можно повеќе со реформите, а кога тие земји веќе ќе бидат во ЕУ да се работи на тоа да постои силен мониторинг, нешто слично што имаа Романија и Бугарија и да се продолжи да се работи на реформскиот процес.

– Секоја земја од Западен Балкан, сметајќи ги тука и Хрватска и Словенија, има потенцијал да стане нова Унгарија или Полска и за тоа успешно да се спречи мора да постои силен надзор кога ќе станат членки, а алтернативата не е уште десет години да се чека во регион кој не е целосно интегриран под руско, кинеско и останато влијание, нагласи Новосел.

Марко Кмезиќ од Универзитетот во Грац/ БИЕПАГ рече дека истрагата на случаи на висока корупција во земјава е на пат на добра практика.

– Во Хрватска тоа беше еден од условите и кога беше исполнет одлучувачки делуваше на земјите-членки да ја поддржат Хрватска во настојувањето да се придружи кон ЕУ и во таа смисла и независните институции и нивната работа. Тоа е важен фактор на реформите и реформските напори на патот кон пристапување и не е доволен само еден или два случаи, туку борбата против системската корупција бара и системски решенија, рече Кмезиќ.

Во врска со билателарните условувања на патот кон ЕУ рече дека тоа е еден проблемите што влијае на кредибилноста на целиот процес, негативно влијае на стремежот на партиите на власт да се фатат поодлучно во костец со проблемите. (МИА)