сабота, 30. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

„Дејли Телеграф“: Можни се нови оставки во британската Влада поради планот за Брегзит

„Дејли Телеграф“: Можни се нови оставки во британската Влада поради планот за Брегзит

Британската премиерка Тереза Меј се соочува со можни нови оставки на министри од нејзината Влада, откако го прифати барањето на Европската Унија да нема временско ограничување во спроведувањето на планот за Брегзит, тврди лондонскиот весник „Дејли Телеграф“.

Меј вчера по седницата на нејзиниот Кабинет изјави дека го прифатила барањето на Брисел, Велика Британија да остане дел од Царинската унија на ЕУ се додека не биде усогласен нов трговски договор меѓу двете страни, за што не е утврден краен рок.

Весникот наведува дека ваквиот предлог предизвикува стравување меѓу евроскептичните кругови во Лондон дека Велика Британија би можела трајно да остане дел од Царинската унија на ЕУ.

Според „Дејли Телеграф“, најмалку тројца министри од Владата на Меј размислуваат да поднесат оставки, поради нејзината последна отстапка, која се оценува како противречна со ветувањето што таа претходно го даде дека Велика Британија ќе ги прекине сите врски со ЕУ најдоцна до крајот на декември 2021 година.

Жестоки противници на ваквата отстапка на Меј се и пратениците од северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП), со чија поддршка Владата обезбедува мнозинство во Долниот Дом на Парламентот.

Потпаролот на ДУП, Семи Вилсон во изјава за „Индипендент“ нагласи дека партијата би можела да не ја поддржи Владата при гласањето за буџетот за следната година, доколку Меј не ги спроведе дадените ветувања за целосен прекин на врските со ЕУ.

Доколку пратениците на ДУП не гласаат за предложениот буџет, тоа би можело да се смета како гласање недоверба на Владата, што би повлекло и оставка на Меј.

Според Вилсон, поради ова можно е владејачката Конзервативна партија да се согласи и на смена на Меј, со цел да опстои договорот за поддршка на малцинската Влада од страна на ДУП.

„Индипендент“ потсетува дека ДУП редовно изразува незадоволство од плановие на Меј за Брегзитот и повикува на промена на нејзината политика за ова прашање. (МИА)