среда, 20. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Дел од нарачаните заштитни маски за Словенија заглавени во Германија

Дел од нарачаните заштитни маски за Словенија заглавени во Германија

Дел од маските кои словенечката Влада ги купи по итна постапка заглавија во Германија, јави дописникот на МИА од Љубљана.

И покрај тоа што беше најавено, вчера во Словенија не пристигнаа милион и пол заштитни маски наменети пред се здравствените центри во кои веќе се појавува недостаток на заштитна опрема, а се справуваат со коронавирусот.

Министерот за одбрана Матеј Тонин изјави дека маските заглавиле во Хамбург и дека се прават дипломатски напори што побрзо да се донесат во Словенија. Според последните најави тоа ќе се случи за неколку денови.

– Не е за верување, но изгубивме контакт со возачот кој го управува возилото со пратката. Се обидувавме да го контактираме во текот на денот, но тој не ни се јави и сега не знаеме точно каде е – изјави Тонин.

Во меѓувреме друга нарачка од 400.000 маски утрово пристигна во земјата, што според надлежните ќе биде доволно да се задоволат потребите таму каде што е најкритично.

Тие веќе се во логистичкиот центар во местото Ројах, а се набавени од Белгија. Според министерот за економија Здравко Почивалшек кој лично ги пречека маските, се работи за набавка вредна 250.000 евра.