вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Доминик Прадали нова претседателка на Меѓународната федерација на новинари

Доминик Прадали нова претседателка на Меѓународната федерација на новинари

Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) денеска ја избра Доминик Прадали од Франција за нова претседателка на ИФЈ, на 31-от Конгрес на организацијата што се одржува во Мускат, Оман.

Таа е втора жена на таа позиција во речиси 100-годишната историја на организацијата.

Доминик Прадали е генерален секретар на синдикатот на француските новинари, а целата своја професионална кариера ја помина на националната телевизија, каде што беше и главна уредничка. Била и член на Француската комисија за новинарска етика и медијација.

Прадали беше член на Извршниот одбор на ИФЈ во два мандата.

Доминик Прадали вети дека ќе го посвети својот мандат на слободата на печатот ширум светот, солидарност меѓу колегите, како и подобрување на нивната финансиска состојба, поддршка за новинарите кои работат во воените зони и нивна безбедност, особено имајќи предвид дека од последниот Конгрес пред три години се убиени и страдале повеќе од 200 новинари.

Прадали, исто така, се залага за единство и опстанок на ИФЈ како единствена организација.

Меѓународната федерација на новинари е основана во 1926 година во Париз на иницијатива на новинарот и активист Жорж Бурдон, кој беше и еден од основачите на Лигата за човекови права. Неговата животна мисија беше солидарност меѓу сите новинари на планетата и подобрување на условите за работа за целосно и објективно пренесување на информациите, што остана основна задача и по речиси еден век постоење на Федерацијата.  (МИА)