Повеќе од 7.000 лица излегоа денеска на улиците на Хановер во знак на поддршка на слободата на печатот, во време кога во градот се одржуваше и марш на екстремната десница на кој беа напаѓани критичките новинари, јави ДПА.
Премиер на Долна Саксонија, Стефан Вајл, исто така, присуствуваше на собирот за заштита на слободата на печатот.
Овој контра протест беше организиран како одговор на митингот организиран од Националната демократска партија на Германија (НПД), на која се посериозно се гледа како на неонацистичка група.
„На митингот на НПД учествуваа 120 лица“, соопшти на Твитер хановерската полиција, пренесе ДПА.
Министерот за внатрешни работи на Долна Саксонија, Борис Писториус и новиот градоначалник на Хановер, Белит Онај, исто така, планираа да зборуваат на овој контра тротест.
Полицискиот оддел на Хановер првично го забрани настанот на НПД, изјавувајќи дека со него ќе се загрози јавниот ред и мир.
НПД се жалеше и забраната беше укината откако административниот суд на Долна Саксонија, во втор степен, утврди дека забраната е непропорционална.
Контра протестот мина мирно, наведе полицијата, која на Твитер исто така соопшти дека неколку демонстранти се обиделе да ги пробијат бариерите на маршот на НПД, но тие биле спречени да го сторат тоа. Притоа уапсени се четири лица, пренесе ДПА.