четврток, 4. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Драстичен пад на рејтингот на германската популистичка десница АфД

Драстичен пад на рејтингот на германската популистичка десница АфД

Поддршката за популистичко- десничарска Алтернатива за Германија (АфД) е на пат да се преполови, покажуваат последните анкети на јавното мнение што денеска се објавени во земјата.

Според истражувањето на Институтот Кантар, нарачано од весникот „Билд ам Сонтаг“, АфД во моментов ќе освои само девет проценти од гласовите, што е значаен пад од периодот пред избувнувањето на кризата кога оваа парламентарна партија уживаше стабилна поддршка од 15 до 16 проценти, јави Хина.

Ова е, исто така, најлошиот резултат во анкетите за АфД во последните две години.

Според истите резултати, владејачката Демохристијанска унија  ЦДУ/ЦСУ значително го подобри рејтингот и сега е стабилизирана на 38 проценти. Партнерот на демохристијаните во владеачката коалиција, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), може да се надева на поддршка од 18 проценти.

Партијата на Зелените, која до неодамна беше над 20 проценти, во моментов ужива поддршка од 16 проценти од гласачите, што е поврзано со сегашниот пад на интересот на граѓаните за теми како што е заштитата на животната средина.

Аналитичарите оценуваат дека се очекува раст на владеачките партии со завршувањето на кризата со коронавирусот.

Според истражувањето на јавниот сервис  Дојчлехландфунк, објавите на АфД на социјалните мрежи, што досега беа најсилниот пропаганден инструмент на оваа партија, сега бележат значително послаби реакции отколку пред избувнувањето на кризата.

-Најсилната комуникациска алатка на АфД го губи ефектот. Ова лежи пред се’ во фактот дека за време на криза повеќе владее расположение на поддршка отколку на критика кон естаблишментот, изјави комуникологот Јоханес Хилије.

Тој додаде дека сегашната поддршка за извршната власт, што е типично за време на криза, како и фактот дека владините мерки се перцепираат позитивно, дијаметрално се спротивни со идеите од кои АфД ја црпи својата популарност, а тоа е дека естаблишментот и елитите сакаат да му наштетат на народот.

АфД, која почна како движење против еврото, својата популарност ја стекна со критиката на либералната бегалска политика на канцеларката Ангела Меркел.