По повод 25-годишнината од Меѓународната конференција за население и развој (ИЦПД) и Акциската програма 2019 година денеска и утре во Женева се одржува Регионална конференција на тема „Овозможувајќи избор: Динамика на населението и одржлив развој“.
Регионалната конференција е во организација на Економската комисија за Европа на Обединети нации (УНЕЦЕ) и Фондот за население на ОН (УНФПА) на која ќе бидат проценети напредокот, а исто така ќе бидат идентификувани недостатоците во спроведување на Акциската програма на ИЦПД во УНЕЦЕ регионот.
Конференцијата, каде учествуваат и претставници од Македонија, е фокусирана на имплементација на клучните активности, како и на политиката за решавање на проблемите поврзани со: Динамика на населението и одржлив развој, Семејства, сексуално и репродуктивно здравје и Нееднаквост, опшествена инклузија и права.
Конференцијата „Овозможувајќи избор: Динамика на населението и одржлив развој“ има за цел да ја зајакне поврзаноста помеѓу ИЦПД и Агендата за одржлив развој 2030 година.
Во рамки на Конференцијата во Женева се одржува и ИЦПД плус 25 Платформа за дијалог меѓу младите, на која се разговара на темите здравје, со посебен акцент на сексуалното и репродуктивното здравје, работни односи, образование и соработка на младите луѓе во УНЕЦЕ регионот.
На Конференцијата „Овозможувајќи избор: Динамика на населението и одржлив развој“ учествуваат од 200 до 250 претставници на држави, научници, претставници на невладиниот сектор, претставници на координативните тела за одржлив развој, како и претставици на националните парламенти.
Од Македонија на Конференцијата во Женева ќе присуствуваат претставници од Министерството за здравство, како и претставници на невладините организации „Рома СОС“, YSAFE, Х.Е.Р.А., и Y-PEER.
Првиот ден од Конференцијата е посветен на Динамиката на населението и одржлив развој, ИЦПД плус 25 и Меѓународниот ден на повозрасните лица. Вториот ден ќе се разговара на тема Семејства, сексуално и репродуктивно здравје, како и на тема Нееднаквост, општетствена инклузија и права.
УНФПА почна со работа во 1969 година, а во Македонија е присутен од 2007 година и ја поддржува Владата во областа на репродуктивното здравје, прашањата во поглед на населението и развојот, како и родовото насилство, како дел од системот на ОН и согласно договорената Рамка за развојна помош на Обединетите нации.
Во рамки на заедничката соработка, Фондот со Владата и со Министерството за здравство во мај годинава потпишаа Договор за заеднички придонес во намалување на смртноста кај мајките и новороденчињата, а се спроведуваат и активности согласно неодамна ратификуваната Истанбулска конвенција во делот на демографски политики и на родово базирано насилство како и домашно насилство, каде е вклучено и Министерството за труд и социјална политика.
Истовремено, Фондот на ОН договори тригодишна рамка за техничка помош на Државниот Завод за статистика (ДЗС) што ќе овозможи имплементација на различни активности за унапредување на податоците за населението, каде спаѓа и пописот, но и други податоци кои се прибираат од ДЗС. Соработката предвидува јакнење на националните капацитети за собирање податоци за населението, анализа, дисеминација и користење во развојните политики. Целта е да се обезбеди мониторинг на напредокот во спроведување на националните политики и стратегии поврзани со социјалната инклузија и репродуктивното здравје на адолесцентите, жените и мажите во државата, како и други национални и меѓународни обврски што се согласно Партнерството за одржлив развој на ОН за периодот 2016-2020 што го потпишаа Владата и тимот на ОН во државата.
УНФПА соработува и со невладиниот сектор, пред се со Македонската платформа за борба против сиромаштија и ХЕРА, со кои соработува во областа население и развој, односно сексуално и репродуктивно здравје.