Бурата, проследена со ветрови и до 160 километри на час, создаде сообраќаен хаос и корнеше дрвја.
Силните ветришта предизвикаа метеж во сообраќајот, при што во Швајцарија и Германија возовите се лизгаа од шините, додека стотици илјади домови останаа без електрична енергија во цела Франција, Швајцарија, Велика Британија и Ирска.
Моќните ветришта ги принудија холандските власти да откажат голем број летови и за првпат да ги затворат сите бариери на важните водени патишта.
Официјални лица соопштија дека еден скијач загинал на француските Алпи, откако врз него паднало дрво во Морион.
Многу луѓе денеска беа повредени, кога воз излета од шините во близина на Ленк, град јужно од Берн, објавија локалните медиуми.
И во западна Германија, во близина на Линен, возот излетал од колосекот откако удри во дрво што паднало на пругата, но не е пријавено дека некој бил повреден во таа прилика.
Невремето доведе до откажување на летовите на аеродромите во Цирих и Базел, а камион се урна на автопатот во Швајцарија.
Илјадници домаќинства во близина на Циришкото Езеро останаа без електрична енергија, а пожарникарите беа повикани да помогнат, бидејќи паднатите дрвјата ги блокираа улиците, а поројните дождови предизвикаа поплави.
Швајцарската полиција соопшти дека повеќе луѓе се заглавени на жичарницата во ски-центарот Пикол на Алпите, додека во многу швајцарски ски-центри престанаа да работат ски-лифтовите.
Во исто време, во Англија, бурата донесе град и грмотевици, а поради превртување на возила на патот поради невремето, властите затворија делови од три значајни автопатишта. Некои мостови се исто така блокирани за сообраќај.
Покрај ова, невообичаено високите бранови предизвикаа делумно уништување на ѕидот на пристаништето Корнвол, во југозападниот дел на Англија.
Во меѓувреме, бурата беснее и на северот од Франција, со ветрови посилни од 145 километри на час, најсилни што ја погодиле оваа земја по повеќе години, а многумина објавуваат фотографии на социјалните мрежи од уништени автомобили, урнати скелиња и расфрлани дрвја.
Околу 27.000 домаќинства во западниот дел на Ирска сè уште немаат електрична енергија, а куќите и продавниците се поплавени, поради бурата Елеанор и ветрови кои дуваат и до 155 километри на час.
Француската дистрибуција на електрична енергија објави дека невремето оставило околу 200.000 домаќинства без струја, вклучувајќи 30.000 во парискиот регион.
Во регионот на Париз дрво падна врз автомобил, при што едно лице е тешко повредено, додека друг жител од таа област доби сериозни повреди паѓајќи од зграда.
Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека четири лица биле сериозно повредени во инциденти поради силни ветрови.
Поради силните ветришта, летовите на аеродромот Шарл де Гол во Париз се одложени, а беа преземени дополнителни мерки на претпазливост при влегување на патниците во авион.
Во Германија автопатите во западниот дел на земјата се делумно блокирани поради паднати дрвјата и поплави, додека зоолошките градини во Минхен и Аусбург во Баварија се затворени денеска, а возовите до највисоката германска планина Шугшпиц, поради невремето, не сообраќаат.
Во соседна Австрија поради силни ветрови и обилниот снег беа откажани скијачките скокови во Инсбрук.