Египет го помина симболичниот праг од 100 милиони жители. Стапката на наталитет во последните 30 години е огромна, а годишно просечно се раѓаат и по 1,5 милион бебиња.
Според Египетската статистичка агенција (ЦАМПАС) во Египет на секои 17,9 секунди се раѓа по едно дете.
Последната година властите започнаа кампања „Две деца се доволно“, но, како што пренесуваат странските медиуми, без резултат.
Претседателот Абдел Фатах ал Сиси во 2017 година превисоката стапка на наталитетот ја посочи како една од главните закани за неговата земја, покрај тероризмот.
Минатата недела, премиерот Мостафа Мадбоулу повторно предупреди дека пренаселеноста е најголем предизвик на државата.
Населението на Египет е младо и сиромашно. Речиси 60 отсто од граѓаните се помлади од 30 години.
Пред 30 години, во 1990 година, Египет имал 57 милиони жители.
Според проценците на Обединетите нации, Египет, доколку не воспостави ефикасна политика, во 2030 година ќе има 120 милиони жители.