петок, 15. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ЕК: Одговорите на АстраЗенека не се задоволителни

ЕК: Одговорите на АстраЗенека не се задоволителни

Европската комисија соопшти дека најавата за значително намалување на снабдувањето со вакцини на АстраЗенека на пазарот на ЕУ е „неприфатлива“ и бара од компанијата да одговори колку дози се произведени досега и на кого се доставени.

Европската комесарка за здравство Стела Киријакидес изјави дека одговорите на АстраЗенека на поставените прашања „досега не биле задоволителни“, и оти „вечерва повторно“ ќе разговараат со претставниците на компанијата.

– ЕУ сака порачаните и веќе платени вакцини да бидат доставени во најкус можен рок, а договорот да се почитува целосно, истакна Киријакидес.

Таа додаде дека ЕК денеска предложи механизам за транспарентност на извозот на вакцини.

– Европската унија го поддржа забрзаниот развој и производство на неколку вакцини против Ковид-19 со 2,7 милијарди евра. Ние сакаме јасност на трансакциите и целосна транспарентност на извозот на вакцини од ЕУ, рече Киријакидес.

ЕК најави дека отсега сите компании кои произведуваат вакцини против Ковид-19 во ЕУ ќе треба однапред да ја известат ЕУ доколку сакаат да доставуваат вакцини во трети земји.

– ЕУ ќе стори сè што може за да ги заштити своите граѓани и нивните права, подвлече Киријакидес.