вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ЕК предлага нови правила за конфискација на имотот на руските олигарси

ЕК предлага нови правила за конфискација на имотот на руските олигарси

Европската комисија денеска го претстави предлогот нови правила, кои ќе овозможат конфискација и продажба на имотот на руските олигарси и предлог прекршувањето на санкциите да се вметне на списокот на злосторства во ЕУ.

Според предложената директива, имотот ќе биде конфискуван од физички и правни лица кои ги прекршуваат или заобиколуваат санкциите и на оние кои се вклучени во криминални активности.

Целта на директивата е да се гарантира дека злосторството нема да се исплати со конфискација на незаконски стекнат имот и да се намалат шансите сторителите да извршат нови кривични дела.

Предложените правила ќе важат и за прекршување на санкциите и треба да обезбедат ефективно следење, замрзнување, управување и конфискација на приходите од прекршувањата на санкциите.

Од почетокот на војната во Украина, ЕУ воведе санкции против поединци од Русија и Белорусија. Комисијата истакнува дека замрзнувањето на имотот на руските олигарси и други поединци поврзани со агресија е клучно за разбивање на руската воена машина.

– Затоа е клучно да се забрзаат напорите за следење и идентификување на имотите, бидејќи тие често се надгледувани од многу комплицирани структури формирани за да ги прикријат вистинските сопственици, наведува Комисијата.

Комисијата предложи два закона. Првиот е да се додадат прекршувањата на рестриктивните мерки на ЕУ на листата на злосторства на Унијата. Вториот се однесува на новите зајакнати правила за враќање и одземање на имот, кои освен што ќе придонесат за спроведување на рестриктивните мерки на ЕУ, ќе имаат силно влијание и во борбата против организираниот криминал.  (МИА)