Европската комисија ја усвои препораката на Советот на ЕУ да го одобри отворањето на преговорите за подобрени договори за статусот на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража со четири земји од Западен Балкан, како и нов пакет помош од 39,2 милиони евра за зајакнување на управувањето со границите во регионот, соопшти дописникот на МИА од Белград.
-Одобрувањето се однесува на границите меѓу ЕУ и Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а во рамките на тоа е и пакетот помош од 39,2 милиони евра во рамки на Инструментот за претпристапна помош за зајакнување на граничното управување на Западен Балкан, соопшти Европската службата за надворешна политика.
Комисијата, со поддршка на „Фронтекс“, ќе ги зајакне капацитетите на земјите од Западен Балкан во нивното управување со миграцијата, борбата против шверцот и обезбедувањето безбедност.
Според моментално постоечките договори за статусот меѓу „Фронтекс“, од една, и Албанија, Србија и Црна Гора, од друга, распоредувањето на постојаниот корпус може да се случи само на границите на земјите на ЕУ и без извршни овластувања.
Според новата правна рамка, договорот за статусот ќе овозможи постојаниот корпус на „Фронтекс“ да биде распореден во трета земја и на границата на ЕУ, како и на границите со трети земји и да има извршни овластувања.
Во соопштението се објаснува дека оваа поддршка е за регионалните капацитети за управување со границите главно преку обезбедување на специјализирана опрема.
Тие вклучуваат мобилни системи за надзор, беспилотни летала, биометриски уреди, обука и поддршка за формирање и операционализација на националните координативни центри. Поддршката, исто така, ја покрива операционализацијата на миграциските објекти, вклучувајќи ги прифатните и притворските објекти.
Пакетот ја донесува вкупната билатерална и регионална поддршка усвоена во оваа област како дел од претпристапната помош на 171,7 милиони евра.
Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон истакна дека ЕУ е посветена на поддршката на регионот и зајакнувањето на соработката во управувањето со миграцијата на терен.
-Затоа предлагаме да преговараме за договорите за статусот според новата правна рамка што ќе му овозможи на „Фронтекс“ да биде распореден во сите четири партнерски земји со целосна сила на неговиот мандат, за да се осигура дека нивните граници ќе продолжат да се почитуваат и штитат во согласност со најдобрите европски стандарди и практики, изјави Јохансон.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји оцени дека овој пакет е навремен, бидејќи миграцијата останува област во која мора да се направи поблиска соработка со партнерите од Западен Балкан.
Тој ја најави намерата на Европската комисија да го зголеми финансирањето на регионот за вкупно 60 отсто во периодот меѓу 2021 и 2024 година, што би достигнало најмалку 350 милиони евра за земјите од регионот.