Европската Комисија (ЕК) соопшти дека влегува во преговори со фармацевтската компанија Модерна за откуп на потенцијална вакцина против Ковид-19, јави дописничката на МИА од Брисел.
Модерна е петта компанија со која преговара Европската Комисија за поволни услови за пристап до вакцина против вирусот откако ќе биде пронајдена. Четирите други се Санофи-ГСК, Џонсон и Џонсон, КјурВак и АстраЗенека.
Комисијата информира дека хипотетичкиот договор со фирмата Модерна би им овозможил на земјите членки на ЕУ да ја купат вакцината како и да ја донираат на економски ранливи земји. Проценката од европска страна засега е дека би се откупиле начелно осумдесет милиони дози за ЕУ, со можност за дополнителни осумдесет откако ќе биде утврдено дека вакцината е ефикасна и безбедна.
-По интензивни преговори, Европската Комисија сега ги заврши разговорите со петта фармацевтска компанија за да овозможи брз пристап до вакцина за Европејците. Инвестираме во компании кои користат разновидни технологии за да ги зголемиме нашите шанси за безбедни и ефикасни вакцини. Продолжуваме да преговараме со други компании, затоа што сакаме да бидеме сигурни дека вакцините ќе бидат брзо достапни на пазарот, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската Комисија.
Модерна е компанија базирана во САД. Доколку овие преговори вродат со плод, резултатот ќе се финансира со помош на европскиот итен инструмент за помош, фонд со посебно портфолио посветено на потенцијални вакцини со “разновиден профил“.
Европската Комисија има за цел да им обезбеди пристап до вакцина на граѓаните до крајот на идната година по достапна цена за сите како во ЕУ така и во светот.