четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Екстремисти киднапирале 50 жени во Буркина Фасо

Екстремисти киднапирале 50 жени во Буркина Фасо

Осомничени екстремисти киднапирале 50 жени во Арбинда, на северот на западноафриканската земја Буркина Фасо, објавија денеска локалните претставници и жителите на тоа место, во кое редовно има насилство.

Некои жени успеале да побегнат, да се вратат во селото и да раскажат што се случило.

-Жените се собраа да одат да берат лисја и диви овошја во дивината, бидејќи веќе нема што да се јаде, рече еден од жителите, додавајќи дека тие тргнале во текот на денот во четвртокот.

Кога не се вратиле до вечерта, мештаните помислиле дека нешто се случило, а потоа пристигнале три жени кои раскажале што се случило.

Според локалните власти кои ги потврдија киднапирањата, воените и цивилните помагачи ја пребарале областа, но безуспешно.

Градот Арбинда се наоѓа во регионот Сахел на северот на Буркина Фасо и е зона под блокада на екстремистичките групи, која тешко се снабдува со храна.

Околу милион луѓе во моментов живеат во блокирани зони на север или исток од земјата, според Обединетите нации.

Од 2015 година, Буркина Фасо, а особено нејзиниот северен дел, се соочува со напади од екстремистички групи поврзани со Ал Каеда и Исламската држава. Во тие напади загинаа илјадници луѓе и раселени најмалку два милиони.

Капетан Ибрахим Траоре, претседател кој дојде по воениот удар на 30 септември, втор во последните осум месеци, си постави за цел да ја врати територијата окупирана од „терористичките орди“. (МИА)