Европскиот Парламент денеска ја поддржа одлуката за продолжување на шемата за употреба на дигиталните ковид-сертификати за уште една година, за што веднаш ќе започнат преговори со Советот.
За да се осигури дека граѓаните на ЕУ имаат корист од слободното движење без оглед на развојот на пандемијата на Ковид-19, Европарламентот на пленарна седница ја поддржа одлуката за отворање преговори со земјите-членки за 12-месечно продолжување на шемата за употреба на дигиталниот ковид-сертификат, која треба да истече на 30 јуни.
Покрај продолжувањето на шемата за употреба на ковид-сертификатите до 30 јуни 2023 година, ЕП го поддржа и предлогот да им се дозволи на земјите-членки да издаваат потврди врз основа на нови видови тестови за антигени.
– Пандемијата не е завршена, најлошото да, но пандемијата не е. Потребно е временски ограничено продолжување, изјави известувачот, социјалдемократот Хуан Фернандо Лопез Агилар.
Одлуката за дигитални ковид-сертификати беше донесена во јуни 2021 година, со цел да се олесни слободното движење во Европа за време на пандемијата, за ограничен период од 12 месеци кој истекува на 30 јуни оваа година. Во февруари, Комисијата предложи продолжување на нивната важност за уште една година.
Европратениците сметаат дека земјите-членки треба да избегнат дополнителни ограничувања на слободата на движење за оние кои имаат ковид-потврда, освен ако тоа е апсолутно неопходно.