Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека побарал од германската канцеларка Ангела Меркел спроведување темелна истрага за националистичката илегална група, додавајќи дека пресудата во судењето против неонацистичката терористичка група „не е задоволителна“.
Неонацистката Беате Чепе пред неколку дена беше осудена во Германија на доживотна казна затвор поради убиства, кои ги извршила како член на неонацистичката група НСУ. Германскиот суд ја прогласи за виновна по 10 точки од обвинението за убиство на 10 лица, осум Турци, Грци и германска полицајка, а убиствата се случиле во период од 2000 до 2007 година. Таа негираше дека е одговорна за убиството на Уве Бенхарт и Уве Мундлос, кои извршија самоубиство во 2011 година, кога полицијата случајно ја откри неонацистичката група. Чепе изјави дека не чувствува морална одговорност затоа што не ги спречила.
– И рековме на Меркел дека ова прашање треба да биде темелно истражено. Таа нема поинакво мислење за ова прашање, рекол Ердоган во авионот додека се враќал од Брисел, јави весникот „Хуриет“ и други турски медиуми.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, оваа недела ја повика Германија да ги пронајде и да ги казни „лицата кои стојат зад овие убиства и се во разузнавањето“.
Турскиот претседател, исто така, рекол дека неговата планирана посета на Берлин може да се реализира во август.