Ерменскиот премиер Никол Пашињан денеска ги повика руските мировни сили, распоредени во Нагорно-Карабах, да делуваат, по новото избивање на насилство меѓу азербејџанската војска и ерменските сепаратисти во оваа спорна енклава, пренесе Бета.
– Во Нагорно-Карабах постои линија на контакт, каде се распоредени мировни војници и територијата е под нивна одговорност. Очекуваме контингент мировни војници да го спречат секој обид за нарушување на линијата на контакт, изјави тој на состанокот на својата влада.
Повторно има конфликти меѓу ерменските и азербејџанските сили во Нагорно-Карабах, формално територија на Азербејџан, чиј поголем дел е под контрола на силите на етнички Ерменци, поддржани од владата во Ереван.
Азербејџан синоќа соопшти дека ја презеде контролата над повеќе позиции и оти се уништени ерменските цели во Нагорно-Карабах за време на ескалација, каде загинаа најмалку три лица и се врати ризикот од војна.
Ерменскиот премиер оценува дека операцијата за одржување на мирот треба да биде разјаснета, затоа што Азербејџан одбива да потпише документ за мандатот на руските сили распоредени од 2020 година.
Тој го повика Азербејџан да ги исполни обврските и да го признае постоењето на Нагорно-Карабах, да ја почитува линијата на контакт и да го признае коридорот Лачин што ја поврзува сепаратистичката енклава со Ерменија. Во спротивно, како што тој нагласи, Ерменија ќе мора да промовира меѓународни механизми за Азербејџан да ги исполни своите обврски.
Најновите инциденти може да ги нарушат мировните преговори, со посредство на Европската Унија, што се водат неколку месеци меѓу Азербејџан и Ерменија.
Европската Унија повика на итен прекин на непријателствата меѓу азербејџанските и ерменските сили во Нагорно-Карабах.
Во ноември 2020 година, Ерменија склучи мировен договор со Азербејџан, со посредство на Русија, по понижувачкиот пораз на ерменските сили во шестнеделната војна за Нагорно-Карабах, каде загинаа над 6.500 луѓе.
Со тој договор, Ерменија изгуби контрола врз дел од Нагорно-Карабах и околните области во Азербејџан по повеќе од 25 години.