Војната во Украина не може да се прелее во Босна и Херцеговина, а Хрватска е пример за паметна енергетска политика, изјави американскиот специјален пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар.
На американско-хрватскиот форум, Ескобар рече дека не мисли дека украинската криза може да се префрли во хрватското соседство.
Војната во Украина, исто така, ги наведе земјите кандидати за Европската Унија да покажат проактивно солидарност со западните вредности, рече Ескобар, наведувајќи го фактот дека Србија ја осуди руската инвазија на Генералното собрание на Обединетите нации на почетокот на март.
Ескобар рече дека Србија не е најтешката тема за која разговара со другите соседни земји, бидејќи таа „титула“ и припаѓа на БиХ.
САД и Србија имаат 140-годишна врска, а Белград цело време беше „близок партнер“ на Вашингтон, на пример во двете светски војни, рече тој.
Ескобар смета дека Босна и Херцеговина, за која повторува во јавните настапи нема етнички проблем туку проблем со корупцијата е најголемиот предизвик на Западен Балкан и земја каде што западните ветувања најмалку се исполнети.
Тој не сакаше директно да каже дали е оптимист дека годинава ќе се одржат избори во земјата, каде што доцнат преговорите за изборните реформи, изразувајќи надеж дека тоа ќе се случи.
Ескобар смета дека е од клучно значење да се воспостави функционална влада во БиХ која ќе се бори против корупцијата, ќе привлекува инвестиции и ќе создава услови за младите, но истакна дека БиХ е суверена држава и дека политичката волја мора да дојде од внатре.