понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ЕУ ги потпиша Договорите за идните односи со Велика Британија

ЕУ ги потпиша Договорите за идните односи со Велика Британија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во име на ЕУ го потпишаа Договорот за трговија и соработка со Велика Британија (Велика Британија и Северна Ирска), кој ќе стапи во сила на 1 јануари 2021 година.

– Тоа е фер и избалансиран договор кој целосно ги штити основните интереси на Европската унија и создава стабилност и предвидливост за граѓаните и компаниите, рече Мишел.

Во истата прилика, европската страна го потпиша Договорот за безбедносни постапки при размена и заштита на доверливи информации со Велика Британија, како и Договорот за Атомска енергетска заедница.

По потпишувањето во Брисел, сите три документи, во два примерока, одат во Лондон, каде што ќе ги потпише британскиот премиер Борис Џонсон. По една копија од потпишаните договори ќе се чува во Лондон и Брисел.

Договорот за трговија и соработка подразбира заеднички стандарди кога станува збор за работничките права, но исто така и многу социјални, еколошки и даночни обврски, како и фер конкуренција во областа на државната помош.

Меѓусебните спорови ќе бидат решавани со арбитражен систем, се воведуваат проверки за стоки што се движат помеѓу Велика Британија и ЕУ, ќе запре безвизното движење на луѓето меѓу двете страни, а професионалните квалификации нема да бидат автоматски признати.

Велика Британија повеќе нема да учествува во Европол или Евроџаст и ќе го изгуби пристапот до Шенгенскиот информативен систем.

Формалното потпишување на договорот со кој се регулираат идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија, по преодниот рок кој завршува на 31 декември 2020 година, доаѓа откако земјите-членки на ЕУ-27 вчера во писмена процедура го одобрија документот, договорен на 24 декември.

Поради кратките рокови и неможноста Европскиот парламент да го даде својот глас за Договорот со Велика Британија до крајот на преодниот рок, Европската комисија предложи негова привремена примена до 28 февруари 2021 година. Европскиот парламент треба да гласа за Договорот за трговија и соработка меѓу ЕУ и Велика Британија на почетокот на 2021 година

Како последен чекор од страна на ЕУ, Советот на ЕУ мора да усвои одлука за склучување на Договорот.

Британскиот Парламент денеска ќе гласа за Договорот, а повеќето пратеници најавија дека ќе го поддржат договорениот документ. (МИА)