среда, 27. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ЕУ го осуди политичкото насилство во Бразил

ЕУ го осуди политичкото насилство во Бразил

Високиот претставник за надворешна политика Жозеп Борел во име на Европската унија ги осуди „шокантните акти на политичко насилство и неприфатливиот напад врз демократијата“ во Бразил и изрази солидарност со бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва и бразилските институции во одбрана на демократијата.

Тој ги поздрави напорите да се истражат одговорните за нападите врз бразилската демократија и за вандалските дејствија врз јавниот имот и историското национално наследство.

ЕУ во соопштение потсетува дека остварувањето на демократските права и слободи мора да се одвива со почитување на Уставот и на демократски избраните институции.

– Политичките разлики не можат да оправдаат кривични дела или да ги доведат во прашање резултатите од демократските избори. ЕУ ја повторува својата доверба во бразилската демократија и силата на нејзините институции. Нашето верување е дека ќе го надминат насилството и екстремизмот, се вели во соопштението.

ЕУ наведува дека ќе работи со новоформираната бразилска Влада за зајакнување на „заемно корисното стратешко партнерство“ и се радува на продлабочување на односите со Бразил во одбраната и промовирањето на демократијата, владеењето на правото и човековите права.

-Исто така, со нетрпение очекуваме да ја унапредиме нашата заедничка работа во корист на инклузивен, фер и одржлив развој, како и во други области од заемен интерес. Во остварувањето на овие цели, ЕУ е подготвена да го зајакне својот ангажман со бразилските власти и дополнително да ја поддржи улогата на граѓанското општество, соопшти Службата за надворешни работи на ЕУ.