Бугарија, Романија и Хрватска беа подложени на темелна проверка, која покажа дека ги исполнуваат сите услови за влез во Шенген. Ова денеска го изјави еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон на прес-конференција како одговор на новинарско прашање.
Дополнителните проверки што ги побараа некои земји покажаа дека Бугарија и Романија дополнително ја зголемија заштитата на надворешните граници, додаде таа. Воопшто немаме такви информации, изјави Јохансон во врска со тврдењата на холандскиот премиер Марк Руте дека бугарската граница може да се премине „за поткуп од 50 евра“.
За претстојниот состанок в четврток, Советот на ЕУ ги има сите извештаи кои покажуваат дека Бугарија, Романија и Хрватска целосно ги исполнуваат сите барања, посочи Јохансон. Таа изрази очекување дека гласањето на европските министри на 8 декември ќе доведе до позитивен резултат за трите земји.
Оние кои се сомневаат во оценката на Комисијата треба да знаат дека проширувањето на Шенген ќе доведе до повеќе и подобри гранични контроли, рече потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас. Не е вистина и нечесно е да се тврди дека проширувањето на Шенген ќе доведе до помали контроли, додаде тој.