Европската унија ќе ја забрани работата на руските медиуми „Раша Тудеј“ и „Спутник“, изјави денеска шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел. Говорејќи на прес-конференција во Брисел, тој најави дека европскиот блок ќе ги забрани двата медиума во обид да се избори, како што наведе, „против руските дезинформации“, пренесе Си-Ен-Ен.
„Денеска преземаме клучен чекор за затворање на славината за руска манипулација со информации во Европа со забрана за емитување на програмите „Раша тудеј“ и „Спутник“ во Европската унија“, рече Борел.
Во исто време, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека руските државни медиумски компании „Раша Тудеј“ и „Спутник“, како и нивните подружници, повеќе нема да можат „да шират лаги за да ја оправдаат војната на Путин и да направат поделба во ЕУ“.