Лидерите од земјите членки на ЕУ утре и задутре ќе се состанат во Версај, Франција, за да разговараат за војната во Украина.
Улиците околу замокот ќе бидат целосно затворени за сообраќај двата дена за да ги пречекаат 27-те шефови на држави во целосна безбедност. Пешаците ќе можат да продолжат да циркулираат во одредени области и да ги користат дуќаните, иако повеќето одлучија да ги спуштат ролетните, јави дописникот на МИА.
Версај немаше толкава возбуда од Г7 во 1982 година. Во четврток и петок, градот ќе пречека 27 шефови на држави или влади по повод европскиот самит со кој претседава Емануел Макрон.
-Мораме да го најдеме вистинскиот баланс и за да ја обезбедиме безбедноста на дипломатите во многу чувствителен период со сите видови закани, и да се обидеме да најдеме соодветни решенија за да го ограничиме влијанието врз населението, објаснува Тома Лавиел, директор на канцеларијата на префектот на Ивелин.
Војна во Украина, глобално затоплување, пасош за вакцинација, поскапување на горивата, се актуелните чувствителни теми, што може да го наруши настанот. Затоа беше направен изборот да се забарикадира замокот и неговата околина.
Околу Плас д’арм никој нема да може да се движи од вечерва на полноќ, се до петок во 20 часот. Во радиус од 800 метри околу влезот во замокот ќе можат да циркулираат само пешаците, но ќе се проверуваат.
-Лицето кое се движи ќе мора да живее таму или да има лекарски преглед на тоа место со доказ, продолжува Томас Лавиел.
Во овие таканаречени „црвени“ и „портокалови“ зони, ниту едно возило нема да може да се движи. Затоа, жителите и трговците мора да се прилагодат. „Ќе го паркирам автомобилот на улица на 500 метри од мојата куќа, но се надевам дека ќе има простор бидејќи сите ќе го правиме истото“, предвидува жител на портокаловата зона. Агентите на префектурата веќе неколку дена се достапни во секое време да одговорат на прашања од Версај.
Снабдувањето на продавници е тема која се повторува. „Од техничка гледна точка, тоа е комплицирано бидејќи вообичаено имаме испораки во четврток наутро. Избираме да ги затвориме четврток и петок затоа што многу луѓе ќе мислат дека тоа не е достапно, па затоа нема да биде доволно профитабилно за нас, вели Кристоф, заменик-директор на крепри ла Плас, за весникот Паризиен.
Истата мисла ја имаа и неговите соседи во Гангет и пабот О’Парис.
-Ќе затвориме по фудбалскиот натпревар во среда навечер и ќе го искористиме четвртокот за да го обединиме тимот.Повторно ќе отвориме петок во 19 часот. Тоа е рестриктивно, но ние се справуваме со тоа. За една недела, ќе беше катастрофално со Денот на Свети Патрик, објаснува Арно, директорот на О’Парис за Паризиен.
Сообраќајот ќе биде прекинат и на останатите фреквентни сообраќајници. Посебно се погодени делови од булеварот де ла Рене, авениите на Европа, Сен Клауд и САД. Полицијата во соработка со општинската полиција на Версај ќе го регулира протокот на автомобили во овие сектори. Севкупно, не помалку од 1.500 полицајци се барани за да се обезбеди безбедноста на самитот.
Пред замокот се поставени два големи шатори во кои можат да се сместат меѓу 500 и 1.000 новинари од цела Европска унија. Станицата Версај-Рив (РЕР Ц) ќе биде затворена од четврток од 10 до петок 18 часот, а автобусите ќе бидат пренасочени. Ќе биде забранет и пристапот до шумата Сатори.
Од понеделник и до крајот на самитот, авионите и беспилотните летала не можат да летаат над Версај и неговата околина во радиус од 15 км. На крај, конзумирањето алкохол на јавни места, надвор од терасите на рестораните, е забрането од оваа среда во 8 часот до петок 22 часот во општините Версај и Сен Сир-л’Екол. (МИА)