Во чикашката болница „Mercy“ лекарите од апаратите за одржување во живот исклучиле пациент откако согласност за тоа дало погрешно семејство, пренесува во понеделникот BBC.
Маж бил пренесен во болницата „Mercy“ во април годинава откако бил пронајден под автомобил во несвесна состојба, потполно гол со тешки повреди на лицето поради што тоа било потполно непрепознатливо.
Меѓутоа, полицијата успеала да го идентификува како Алфонсо Бенет, а во мај болничкиот персонал го повикал „неговото“ семејство. По разговорите со семејството, болничарите го исклучиле од апаратите и пациентот починал.
И сето тоа би било во согласност со процедурата, доколку еден ден вистинскиот Алфонсо Бенет не се појавил на семеен собир. Се покажало дека Алфонско извесно време бил отсутен и дека едноставно не им се јавувал на роднините. Членовите на семејството во меѓувреме се организирале за закопот за Алфонсо кого, како што верувале, го исклучиле од апарати.
Дури по инцидентот полицијата земала отпечатоци од прстите на починатото лице и утврдиле дека станува збор за 63-годишниот Елша Бритман, по што го повикале неговото вистинско семејство.
Сега и двете семејства ги тужат болницата и градот Чикаго поради негрижа и претрпена болка.