Финскиот претседател денеска му се јавил на рускиот претседател Владимир Путин за да му каже дека Финска ќе поднесе барање за членство во НАТО во наредните денови, јавува Би-Би-Си.
Ниинисто му рекол на Путин дека неодамнешните потези на Русија, како што е инвазијата на Украина, ја „промениле безбедносната средина на Финска“, се вели во изјавата на финскиот претседател. „Разговорот беше директен и отворен и се водеше без влошување. Заклучено е дека е важно да се избегнат тензии“, вели Ниинисто.
Путин му се заканил на својот фински колега дека напуштањето на неутралноста од страна на Финска и пристапувањето во НАТО би било погрешно, објави Кремљ. Путин рекол дека нема безбедносни закани за Финска, додека потенцијалната промена во надворешната политика на Финска може да има негативно влијание врз билатералните односи со Русија.
Москва го опиша разговорот како „чесна размена на мислења“.
Русија долго време се заканува со последици доколку нејзините соседи се приклучат на НАТО, западната воена алијанса основана во 1949 година поради заканата од Советскиот Сојуз. Ниинисто и финската премиерка во четвртокот најавија дека Финска ќе влезе во НАТО, а се очекува и Шведска да го стори истото во следните неколку дена.