Фински сеизмолози минатата недела открија пет подводни експлозии во руските води во Балтичкото Море, соопшти денеска Сеизмолошкиот институт на Универзитетот во Хелсинки.
– Детектиравме пет експлозии, најголемата јачина од 1,8 степени (по Рихтеровата скала), а најмалата 1,3 степени, изјави директорот на институтот Тимо Тиира.
Четири експлозии се регистрирани во четвртокот и една во петокот во руските територијални води во Финскиот Залив, рече тој, додавајќи дека е јасно дека станува збор за експлозии, а не за сеизмичка активност. Не е познато која била причината, но слични експлозии биле откриени и при претходните поморски вежби и чистење на стари мини од морското дно, рече тој.
– И претходно сме откривале експлозии во истата област, но не многу често, и не секоја година, потенцираше Тиира.
Руското Министерство за одбрана засега нема коментар. (МИА)