Ураганот Флоренс, кој ја погоди американската сојузна држава, Северна и Јужна Каролина и Вирџинија, досега однесе 17 животи, пренесува агенцијата АП.
Како што се наведува повеќе од 640.000 луѓе останале без струја. Во меѓувреме, Вилмингтон, градот во Северна Каролина сосема е отсечен од светот поради обилните врнежи, а се бара и дополнителна помош од полицијата и Националната гарда.
Вилмингтон има 120.000 жители, а според зборовите на локалните овластени лица поради обилните дождови сите патишта се непроодни.
Ураганот ослабе на ниво на тропско невреме, но останува опасноста од поројните дождови и поплави поради зголемувањето на нивото на реките.
АП наведува дека во наредните денови би можеле да следуваат најголемите поплави во историјата на Северна Каролина. Во градовите Њу Берн и Џексонвил спасени се повеќе од 900 лица.
Поради невремето откажани се повеќе од 2.400 летови, а потенцијалната економска штета е проценета во распон од 10 до 60 милијарди долари.