Американскиот производител на автомобили „Форд“ планира да го забрза производството на електрични возила, најавувајќи дополнителна инвестиција од една милијарда долари во фабриката во германскиот град Келн.
Со тоа двојно ќе ја зголеми инвестицијата на американскиот автомобилски гигант во таа фабрика и сега планира да потроши вкупно две милијарди долари за лансирање на два електрични модела и производство на 1,2 милиони такви возила во следните шест години.
Првиот модел треба да се појави во продажба во 2023 година, а вториот во 2024 година.
Основните делови на платформата за производство на двата модела ќе ги испорачува „Фолксваген“.
Шефот на европската филијала на „Форд“, Стјуарт Роули, изјави дека компанијата со оваа инвестиција ќе обезбеди место во иднина.
Покрај двата модела од Келн, компанијата планира до 2024 година да лансира електричен патнички автомобил од романско производство и четири електрични комерцијални возила.