Автомобилскиот гигант Форд соопшти дека ќе инвестира 11,4 милијарди американски долари во производство на електрични возила и батерии во САД, и притоа најави партнерство со јужнокорејскиот производител на батерии SK Innovation.
Според планот, Форд ќе произведува автомобили и пикапи со нулта емисија на штетни гасови, „прилагодени“ на клиентите и ќе отвори 11 илјади работни места, наведува Би-Би-Си.
Новата фабрика во Тенеси, (Blue Oval City) , ќе се простира на површина од шест квадратни километри и од 2025 година ќе монтира електрични камиони и акумулатори од новата генерација.
Батериите произведени во погоните во Кентаки ќе бидат дел од новите линии на електрични возила Форд и Линколн.
Компанијата веќе ги зголеми инвестициите во производството на електрични возила во погоните во Тексас и Мичиген и планира нов циклус во партнерство со јужнокорејскиот производител на батерии SK Innovation.
Како и конкурентите GM и Stellantis, Форд се надева дека до 2030 година автомобилите со нулта емисија на штетни гасови ќе учествуваат со половина од продажбата.
– Ова е нашиот момент, нашата најголема инвестиција до сега, сакаме да помогнеме да се изгради подобра иднина за Америка, рече претседателот и извршен директор на Форд, Џим Фарли.
– Започнуваме со проект што ќе овозможи најнови електрични возила за сите, а не само на (избраното) малцинство, додаде Фарли.
Електричните возила се уште се ретка појава на патиштата во САД, сочинувајќи само два проценти од глобалната продажба минатата година, потсетува Би-Би-Си.