Најмалку 48 лица загинаа синоќа во Перу кога во автобусот со кој патувале удрил трактор, по што тој пропаднал во бездна, соопшти локалната полиција.
Несреќата се случила на опасен дел од автопатот наречен „Ѓаволски свијок“, каде патот е многу тесен, со стрмни свијоци и често покриен со магла.
Автобусот, во кој имало 57 патници, се превртел и паднал на покривот на многу тесен дел од брегот на Тихиот Океан, до кој нема пристап.
– Многу е тажно што во нашата земја се случи голема катастрофа, изјави по повод несреќата претседателот на Перу, Педро Пабло Кучински.
Спасувачките екипи и во текот на ноќта барале преживеани во тешко достапната област, која се наоѓа околу 70 километри од Лима. Пожарникарите и полицајците успеале да пренесат петмина тешко повредени пациенти во блиската болница.
Повеќето патници во автобусот се враќале во Лима по прослава на новогодишна ноќ надвор од главниот град.
Во сообраќајни несреќи во Перу во 2016 година загинале 2.600 лица.