Мете Фредериксен, која денеска поднесе оставка на функцијата данска премиерка по предвремените избори, прва ќе добие шанса да формира нова влада.
Фредериксен за ТВ2 изјави дека в петок, во нејзината официјална резиденција северно од Копенхаген, ќе ги почне преговорите и на нив ќе ги покани сите партии, како и претставниците од Гренланд и Фарски Острови.
Фредериксен повеќе не сака да ја води Данска со малцинска влада, туку се стреми кон поширока соработка во рамките на политичкиот центар.
Таа денеска претходно ѝ ја поднесе оставката на кралицата и притоа изјави дека почнува да ја истражува можноста за коалиција преку политичкиот центар.
Преговорите се очекува да бидат долготрајни бидејќи и пријателите и непријателите на Фредериксен се сомнителни во таквата коалиција, што го прави исходот неизвесен.
Левичарскиот блок, чиј дел е и Социјалдемократската партија, освои 90 места, што е најмалото можно мнозинство во парламентот со 179 места.
Десничарскиот блок освои 72 места, а новооснованата центристичка партија 16 места.