Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас се изјасни против воведување на построги санкции за Русија поради затворениот опозициски лидер Алексеј Навални, објави ДПА.
Шефот на германската дипломатија изјави дека се сомнева оти таквите мерки ќе доведат до подобра ситуација во однос на критиките на Кремљ.
– Мислам дека ќе се случи токму спротивното, нагласи Мас.
ЕУ со месеци бараше ослободување на Навални, кој е осуден за прекршување на условната казна, која не ја исполни бидејќи замина неколку месеци на лекување во Германија откако беше отруен во Сибир.
Мас потсети дека ЕУ веќе двапати употребила слични мерки против Русија – по труењето на Навални и откако беше уапсен по неговото враќање.
Сепак, санкциите воведени против Русија во врска со анексијата на Крим и конфликтот во источниот дел на Украина ќе останат во сила сè додека не се постигне решение, увери германскиот министер.
– Но, не е во наш интерес да се вклучиме во оваа конфронтација. Ние сакаме дијалог и да бидеме добри соседи со Русија, истакна Мас.
Тој додаде дека лошата состојба во односите меѓу Берлин и Москва, како и меѓу ЕУ и Москва, е повод за дијалог. Односите не треба да останат во таа состојба, нагласи Мас, оценувајќи дека „за да се промени тоа, треба да разговараме“.