петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Германија најави затворски казни за демонстрантите кои ги оштетуваат уметничките дела

Германија најави затворски казни за демонстрантите кои ги оштетуваат уметничките дела

Германскиот министер за правда Марко Бушман изјави дека се можни затворски казни за климатски активисти кои блокираат патишта и оштетуваат уметнички дела.

– Кој ќе фрли течност или предмети врз уметничките дела може кривично да одговара доколку се оштетат уметничките дела. Блокадите на патиштата може да се окарактеризираат како принуда. А доколку поради ова биде спречена брзата помош да пристигне, можно е и обвинение за нанесување телесни повреди од невнимание, изјави министерот за правда Марко Бушман, кој е од Либерално-демократската партија ФДП).

Тој рече дека законот, покрај паричните казни, предвидува и затворски казни за овој вид на кривични дела. „Овие закони мора да се спроведуваат“, рече Бушман.

Во последните недели, еколошките активисти од групата „Последна генерација“ предизвикаа поделени реакции во јавноста со спектакуларни акции, како фрлање боја на уметнички дела во музеи или блокирање патишта.

При последната блокада на берлински сообраќајница, возилата на итната помош пристигнаа со големо задоцнување на местото на сообраќајната несреќа во која тешко беше повредена вел осипедистка.

Претставниците на демонстрантите ја негираа одговорноста за инцидентот, тврдејќи дека возилата за итни случаи биле забавени бидејќи учесниците во сообраќајот не формирале среден премин на патот за полицијата и возилата за итни случаи, како што налагаат сообраќајните правила во случај на сообраќаен метеж на автопат.

Ренате Куенаст, политичарка од владејачката партија Зелени, рече дека оваа форма на протест води во ќорсокак.

– Мислам дека нема смисла кога повеќе се дискутира за формата на протестот и за прашањето за легитимноста на овој вид протест отколку за самата содржина. Тоа води во ќорсокак, рече Куенаст.

Градоначалничката на Берлин, Франциска Гифај ги критикуваше овие форми на протест, оценувајќи дека тие ја загрозуваат јавната безбедност на граѓаните.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, исто така, неодамна изјави дека не ги одобрува овие форми на протест.

Членовите на движењето „Последна генерација“ порачаа дека со своите постапки сакаат да го забрзаат одлучувањето што би довело до забавување на климатските промени.