Властите во Германија планираат да воведат „лесен локдаун“ од 28 декември, и покрај прелиминарни планови да не ги заоструваат ограничувањата за вакцинираните и оние кои прележале Ковид-19.
Според порталот Фокус онлајн, кој имал увид во предлогот за новите мерки, тие се очекува да бидат усвоени на утрешната владина седница.
Германскиот канцелар Олаф Шолц и лидерите на 16 германски сојузни покраини утре попладне треба да разговараат за планираните мерки.
Германија планира да ги ограничи приватните собири на максимум 10 лица кои биле вакцинирани или прележале Ковид-19, а истите ограничувања ќе важат и на отворен и на затворен простор, со тоа што децата помали од 14 години ќе бидат изземени од мерките.
Во документот, исто така, се наведува дека во ресторани ќе можат да влезат само луѓе кои можат да обезбедат доказ за вакцинација или прележан Ковид.
Во исто време, Германија ќе обезбеди финансиска поддршка за компаниите и организациите погодени од анти-епидемиските мерки, се вели во документот.