понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Германија веќе подготвува договори за враќање на мигрантите во членки на ЕУ

Германија веќе подготвува договори за враќање на мигрантите во членки на ЕУ

Германското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека веќе подготвува нацрт договори со други членки на Европската унија за враќање на мигранти кои побарале азил во Германија, а претходно побарале азил во некоја друга земја.

Портпарол на Министерството најави дека министерот Хорст Зехофер денеска ќе ја посети Австрија, каде со канцеларот Себастијан Курц ќе разговара за новиот германски план за справување со мигрантите. Планот постигнат меѓу Зехофер и канцеларката Меркел предвидува отворање на кампови во германската сојузна држава Баварија, која е политичка база на Зехофер, и проверка на сите нови барања за азил во овие кампови, при што мигрантите кои веќе побарале азил во друга членка на ЕУ би требало да бидат вратени таму.

Меркел пак треба да се сретне со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој беше предводник на повиците за затворање на границите на Европската унија за неконтролираниот влез на мигранти, и кој е политички сојузник на Курц и Зехофер.

МИА