Иднината на коалициската Влада на германската канцеларка Ангела Меркел денеска стана неизвесна откако Андреа Нахлес, лидерката на помалиот коалициски партнер неочекувано објави оставка поради лошите резултати на европските избори, што се одржаа минатиот месец.
Нахлес изјави дека официјално ќе поднесе оставка од лидерската позиција во Социјалдемократската партија (СПД) „откако расположението во партијата покажа дека немам поддршка неопходна за извршување на моите должности“.
Нејзината оставка би можела да доведе до предвремени избори доколку СПД одлучи да излезе од владината коалиција формирана по изборите во 2017 година.
СПД освои само 15,8 проценти од гласовите на изборите за Европскиот парламент, што е најлош изборен резултат.
Неколку потенцијални наследници на Нахлес вчера се повлекоа од трката а партиски лидер, меѓу кои и министерот за финансии Олаф Шулц, кој пред нејзината оставка изјави дека СПД нема да влегува во уште една коалиција со Христијанско демократската унија (ЦДУ) на следните избори.
Фаворит за наследник на Нахлес сега е Мануела Швесиг, премиерка на германската сојузна држава Мекленбург-Ворпомерн. (МИА)