Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер е позитивен на коронавирус, соопшти денеска кабинетот на шефот на државата, во момент кога стапката на нови инфекции во земјата е постојано висока.
Сопругата на Штајнмаер, Елке Буденбендер, исто така, е позитивна на Ковид-19 и двајцата имаат благи симптоми и веднаш се изолирани.
Штајнмаер е претседател на Германија од 2017 година, а во февруари беше реизбран за втор петгодишен мандат, откако претходно двапати беше министер за надворешни работи во владата на канцеларката Ангела Меркел и шеф на кабинетот на нејзиниот претходник Герхард Шредер.
Германија моментално е во процес на отстранување на повеќето мерки за ограничување на борбата против коронавирусот и покрај постојаното зголемување на бројот на заразени.
Националниот центар за контрола на болести соопшти дека во изминатите 24 часа биле пријавени повеќе од 222.000 нови инфекции и 264 смртни случаи, со што вкупниот број на починати од почетокот на пандемијата достигна 127.193. (МИА)