Раководството на германската Партија на зелените на 19 април ќе треба да го предложи нивниот кандидат за наследник на канцеларката Ангела Меркел на чело на германската Влада, изјави денеска партискиот секретар, Михаел Келнер, пренесе ДПА.
Партиското раководство треба да соопшти кој од нејзините двајца копретседатели – Аналена Баербок или Роберт Хабек – ќе ги предводи Зелените на сојузните избори во Германија, закажани за 26 септември, се гледа од документот на Келнер до кој увид имала ДПА.
По овој избор, потоа кандидатот официјално ќе треба да биде потврден на највисокиот собир на партијата, меѓу 11 и 13 јуни.
Според неодамнешните анкети, расте рејтингот на Зелените, и во моментов оваа партија само малку заостанува зад конзервативните демохристијани на Меркел, пренесува ДПА.