Бонус од 100 евра сака да им исплати на сите вработени Германската железница (Deutsche Bahn DB), како еден од најголемите потрошувачи на електрична енергија во таа држава, како дел од акцијата за заштеда на енергија. Потегот е со цел вработените да се мотивираат да штедат електрична енергија.
„Без разлика дали станува збор за осветлување, греење или користење на скалите наместо лифтот, малата заштеда на крајот може да достигне значителна сума“, рече шефот за човечки ресурси на ДБ, Мартин Сеилер.
Сто евра бонус за повеќе од 200.000 вработени ќе чини околу 20 милиони евра, за кои концернот верува дека ќе може да заштеди на струја преку дополнителна мотивација на вработените.
Секоја идеја што придонесува за дополнителна заштеда на енергија администрацијата ќе ја награди со дополнителни 50 евра.
ЛЕД панелите за осветлување на административната зграда на ДБ на плоштадот Потсдам во Берлин се исклучени. Слични подготовки се прават и со останатите административни згради на компанијата.
Со околу десет терават-часови годишно, ДБ е еден од најголемите потрошувачи на електрична енергија во Германија. (МИА)